На ден 26.02.2021, во просториите на училиштето СГГУ “Здравко Цветковски” беше одржана работилница на тема: „Инклузија на ученици со посебни потреби” на која присуствуваа 18 ученици од сите генерации.

Работилницата ја одржа училишниот специјален едукатор и рехабилитатор – Невенка Трајановска, во соработка со училишниот психолог – Мартина Самболец.

Главна цел на работилницата беше промоција на инклузивното образование и запознавање на учениците со поимот ИНКЛУЗИЈА и со категориите на учениците со посебни образовни потреби.

Централната активност беше пополнување на работен лист “Лица со посебни потреби”, при што учениците беа поделени во три групи.

Првата група имаше задача да напише кои се потешкотиите на лицата со оштетен вид и како можеме да им помогнеме. Втората група имаше задача за потешкотиите на лицата со оштетен слух, додека пак третата група ги истражуваше проблемите на лицата со телесна инвалидност и начините на кои можат да им помогнат.

По завршување на задачите, учениците го презентираа сработеното и следуваше дискусија.

Имено, учениците имаа можност да се запознаат со Браевото писмо и да го напишат нивното име користејќи ја Браевата азбука. Исто така, дефектологот им презентираше неколку поими на знаковен јазик, а потоа учениците се потрудија да го кажат своето име на знаковен јазик, буква по буква.
Потоа, учениците споделуваа случки и лични искуства од средби со лица со посебни потреби.

На крајот следуваше заклучок дека на лицата со посебни потреби можеме да им помогнеме само доколку ги прифатиме такви какви што се, без да ставаме акцент на нивните потешкотии.